Уште еден градоначалник во Албанија со „криминално досие“

Под лупата на државното јавно обвинителство се најде уште еден градоначалник во Албанија, сите од редовите на владејачката Социјалистичка партија а како и за претходните пријави поднесе опозицијата.

Станува збор за првиот човек на градот Дивјак, Фреди Коконеши, од владејачката Социјалистичка партија.

Тој се сомничи дека во периодот додека престојувал во Италија бил вмешан во трговија со луѓе.

– Централната изборна комисија побара од СПАК итна темелна проверка на минатото на градоначалникот на Дивјак Фреди Коконеши. Кон барањето е приложена потребната документација. Тоа со цел доколку се потврдат обвинувањата Коконеши да биде разрешен, наведуваат медиумите.

Ова не е прв случај од 61 избран градоначалник на локалните избори на 30 јуни 2019 година да биде осомничен.

Освен за неточни податоци во образецот, дел од нив беа разрешени и од други причини.

Валдрин Пјетри, кој беше избран за градоначалник на Скадар не ни седна во градоначалничката фотелја. Се откажа од мандатот по обелоденувањето дека бил казнуван во Италија за шверц на дрога, соопштувајќи дека сака како обичен граѓанин да ја докаже својата невиност.

Поради истата причина и градоначалникот на Вора, Агим Кајмаку, беше разрешен од функцијата откако се потврди дека го фалсификувал образецот за декриминализација. Тој прикрил дека бил апсен и бил под истрага во Грција за кривично дело употреба на фалсификувани пари, како и за прикривање на лажен идентитет (Јорго Тото), што го користел во Грција.

Градоначалникот на Вау те Дејес, Марк Бабани во периодот 2002/2003 бил уапсен и осуден во Северна Македонија, додека претходно во периодот 1994-1999 година бил осуден во Италија и протеран а користел и три различни идентитети.

Градоначалничката на Драч, Валбона Дако се повлече по направениот гаф по катастрофалниот земјотрес во ноември 2019 година, кога изјави дека добро е што има толку загинати зашто можело и повеќе.

Градоначалник на Пешкопеја Дионис Имерај се откажа од функцијата за да се кандидира за пратеник, додека општина Рогожина беше без градоначалник по ненадејната смрт на Хаџи Мола.

Последна општина која остана без градоначалник е Лушња, во јули 2021 година, кога градоначалникот Фатос Туше беше разрешен откако беше уапсен за корупција.

Во овие општини на предвремени избори, на 6 март годинава, беа избрани нови градоначалници.