Усвоена иницијатива за изградба на споменик за загинатите при уривањето на надстрешницата

Градското собрание на Нови Сад денес ја усвои иницијативата на градоначалникот Жарко Миќин за изградба на споменик на жртвите од уривањето на настрешницата на Железничката станица на 1 ноември минатата година.

44 советници од 56 присутни гласаа за иницијативата, без воздржани или гласови против, додека советниците од опозицијата ја напуштија салата пред гласањето.

Миќин смета дека негова должност и обврска е да се осигура дека жртвите никогаш нема да бидат заборавени и дека со трајно обележување на местото на трагедијата, ќе покаже дека тие ќе останат во сеќавањето на целата заедница.

Тој му се заблагодари на Заводот за заштита на спомениците на културата за одговорот што го дадоа и основните елементи на споменикот, кој ќе претставува трајна трага од културата на сеќавање на трагедијата што го снајде целото општество.

Иницијативата беше поддржана од советниците од Српската напредна партија (СНС) и Социјалистичката партија на Србија (СПС), додека претставниците на опозицијата за време на дебатата изјавија дека не се против поставувањето на споменикот, но го критикуваа фактот дека иницијатор за неговото поставување бил градоначалникот, „кој е претставник на властите кои не утврдиле одговорност за трагедијата“.

Во уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, загинаа 16 лица, а едно лице беше тешко повредено.