Усвојување на амандманите според роковите

Амандманите за уставните промени ќе бидат усвоени во Собранието во предвидениот рок, изјави премиерот Заев. Очекува поголема поддршка од опозицијата за до крајот на јануари да биде ратификуван Договорот од Преспа, а подоцна, како што рече, Грција ќе ја почне ратификацијата во својот Парламент. Сепак, Заев смета дека не треба да се прошируваат уставните промени со барањата на БЕСА и Алијансата, кои најавија амандмани за подобрување на правата на Албанците во земјава.

„Никој нема право и нема да направи каква било условеност на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Веројатно нема да дозволиме ширење на Пандорината кутија. Тоа го знаат сите, а ред е и јас да го потврдам. Парламентот е конечно тој што одлучува. Ние сме само предлагачи. Но, во рамки на сите овие работи јас секогаш стојам на располагање да градиме едно општество за сите за што сите се залагаме, а не да се обидуваме на поинаков начин, кога се носат крупни одлуки“, изјави премиерот Заев.

За премиерот, Охридскиот договор e веќе вметнат во Уставот. Во ДУИ, пак, сметаат дека нема потреба од дневно- политички агенди на партиите и велат оти е потребно да се заврши процесот на спроведување на Договорот од Преспа со усвојување на уставните амандмани предложени од Владата. Движењето БЕСА тврди дека сака со уставните промени да се подигне статусот на албанскиот јазик и граѓанскиот карактер на државата во преамбулата.

„Подготовката на нацрт- амандманите во Владата на РМ, ќе биде во духот на коалиционото работење и делување во Владата, како и во Собранието, и ние тука како пратеници ќе добиеме консолидиран текст помеѓу владините партнери, но исто така и консолидиран текст со демократската осумка во ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Артан Груби, ДУИ.

„Премиерот не гледаше за сходно да разговара за нашите предлози, кои не се само предлози во интерес на Албанците. Сметаме дека овие предлози се значајни за сите граѓани на Република Македонија“, рече Фадиљ Зендели, движење БЕСА.

Отфрлањето на Предлог- законот за амнестија е доказ дека власта е за селективна правда и злоупотреба на судството, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија се категорични дека нема да учествуваат во телото за помирување.

„Власта сега, преку некакви форуми, комисии, координативно тело за наводно помирување, или за наводна правда, не прави ништо друго освен обид преку замајување на јавноста да истера селективна правда што во суштина е длабока неправда. Таа неправда ќе значи нов вистински упад и злоупотреба од власта на правниот систем, нешто што многупати до сега е практикувано во оваа власт, во ова судство наречено- отворено како пупка“, изајви Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Заев не верува дека опозицијата ќе го блокира усвојувањето на амандманите за уставните промени во Собранието и очекува да се случи тоа до крајот на неделава.

Ирина Гелевска