Утре, 14 јануари, со почеток во 12:00 часот, во Клубот на пратеници ќе се одржи меѓупартиска лидерска средба на покана на премиерот Христијан Мицкоски. Главни теми на состанокот се очекува да бидат укинувањето на техничката влада, изборните реформи со фокус на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, како и изборот на нов Народен правобранител.
Иако власта ја презентира средбата како обид за постигнување широк консензус за евроинтеграциската агенда и стабилизација на политичкиот дијалог, опозицискиот фронт е поделен во ставовите:
На средбата ќе присуствува и коалицискиот партнер Вреди и истата ќе биде претставена од Биљал Касами.
Најголемата опозициска партија предводена од Венко Филипче одби да учествува, потег што премиерот го оцени како „политички некултурен“.
Партијата Левица најави присуство, пред сè поради барањето за воведување една изборна единица, иницијатива која ја поддржуваат и од ДОМ.
Демократската унија за интеграција сè уште јавно не го соопштила својот конечен став за учество.
Додека Владата инсистира на конструктивност, дел од критичката јавност и опозицијата на состанокот гледаат како на политички маневар за прикривање на тековните проблеми и тактизирање пред идните изборни циклуси.