Втората фаза од уставните измени почнува утре во Собранието. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека очекува блокада од опозициските партии. Џафери очекува втората фаза од уставните измени да заврши околу 18-ти декември, по што ќе следи третата и последната фаза. Целиот процес ќе биде заокружен на средината на јануари.
„Фактички утре месецот почнува со седницата за усвојување на текст – амандманите. Знаете дека според максималните рокови, за секој амандман три дена може да трае дебата, значи 12 дена. Реално, очекувањата се да заврши побрзо, тоа се моите очекувања. Како што е определено со предлог – одлуката на Комисијата, пет дена да трае јавната расправа за амандманите, и два дена добива Владата за да ги сублимира извештаите од јавната дебата и да ги достави текст-амандманите, за потоа да можам да ја свикам наредната седница за усвојување на текстот“, изјави Талат Џафери – претседател на Собранието на Република Македонија.
За втората фаза за уставните амандмани, премиерот Зоран Заев, вели дека е оптимист оти дебатата на утрешната пленарна седница ќе биде уште поинтерактивна.
Целта на овие уставни измени е спроведувањето на Договорот со Грција за името, со што ќе ѝ се овозможи на Македонија членство во НАТО и ЕУ.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ