Ужас во Индонезија: Над 800 ученици отруени од храна финансирана од владата

Повеќе од 800 ученици се отруле со храна оваа недела во Индонезија, откако јаделе бесплатни училишни оброци што ги спонзорира владата на таа земја, соопштија денеска властите.

Во првиот случај на труење со храна се разболеле повеќе од 500 ученици, што претставува најтешкиот случај на труење од почетокот на програмата за бесплатни оброци, која ја започна претседателот Прабово Субијанто, пренесе „Ројтерс“.

Од јануари, кога започна програмата, до август, повеќе од 4.000 деца се отруле со храна поради консумирање на овие оброци, соопшти Институтот за развој на економијата и финансиите од Индонезија.

Според зборовите на локален функционер во провинцијата Западна Јава, 569 ученици од пет училишта во регионот Гарут во средата имале симптоми на труење како мачнина и повраќање, откако претходниот ден јаделе пилешко и ориз во кујната што ги подготвувала бесплатните оброци.

Тој додаде дека 10 ученици сè уште се наоѓаат во болница, откако претходно 30 биле хоспитализирани.

„Локалната власт ќе го засили надзорот врз кујната која ги подготвувала оброците, но програмата нема да биде прекината. Наместо тоа, на учениците отсега ќе им се даваат поедноставни намирници, како леб, млеко, варени јајца и овошје“, изјави функционерот.

Уште еден случај на труење со храна се случил на островите Банггаи, каде што се разболеле 277 ученици, соопшти Националната агенција за исхрана која го надгледува програмот, додавајќи дека таму тој ќе биде привремено прекинат.

Најновите случаи на труење ја отворија дилемата за стандардите и надзорот над програмата, која има над 20 милиони корисници, а е планирано до крајот на годината бројот да достигне дури 83 милиони, со буџет од 10,32 милијарди долари.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.