Поранешниот телохранител на Слободан Милошевиќ, Горан Пајиќ неодамна во една телевизиска емисија откри детали непознати за јавноста. Пајиќ изнесе информација за која нашата јавност до сега не беше запознаена, а се работи за напорите на Македонија да остане дел од Југославија.
Според неговите тврдења во гостувањето на „ТВ Хепи“, претседателот на Македонија во времето на распадот на СФРЈ, Киро Глигоров, се договорил со Слободан Милошевиќ Македонија да биде дел од новата Југославија. Набрзо беше организиран и атентатот на Глигоров кој го преживеа обидот за атентат.
„Кога беше атентатот на Киро Глигоров во 1995 година, пред тоа имаше тајна средба во Белград со Слободан Милошевиќ и се договорија Македонија да биде дел од новата Југославија. Сепак, очигледно тоа некому не му одговарало, па побрзо и подобро го организирале атентатот врз него. Ваквите работи се решаваат за дел од секунда“, изјави Пајиќ во емисијата „Добро утро Србија“, човек кој 10 години беше дел од Единицата за обезбедување на Слободан Милошевиќ.
Да потсетиме, на 3 октомври 1995 година беше извршен неуспешен обид за атентат врз Кир Глигоров пред хотелот Бристол во Скопје, во кој беше тешко повреден и остана без око. Околностите на атентатот, како и неговите извршители, до ден денес остануваат непознати.
