Вечерва спектакл на небото: Персеидите повторно ја осветлуваат ноќта

Секоја година во август, ноќното небо се претвора во раскошна сцена на која се појавуваат илјадници светлосни траги. Оваа небесна појава, позната како „Солзите на Свети Лаврентиј“, претставува еден од најимпресивните природни феномени видливи со голо око.

Станува збор за метеорскиот рој Персеиди, кој се јавува кога Земјата ја преминува орбитата на кометата Свифт-Татл, оставајќи облак од ситни честички. Кога овие честички ќе навлезат во атмосферата, согоруваат и создаваат блескави линии што го осветлуваат ноќното небо.

За да се набљудува овој феномен, не е потребна специјална опрема — доволно е да се најде отворен простор, далеку од светлосно загадување, и да се почека очите да се навикнат на темнината. Најдобро време за набљудување е по полноќ и во раните утрински часови, доколку времето е ведро.

Иако оваа година полната месечина ќе ја намали видливоста на послабите метеори, љубителите на астрономијата сепак можат да се надеваат дека ќе успеат да забележат барем неколку падналки од оваа небесна претстава.

Доколку планирате да ги набљудувате Персеидите вечер, најдобро е да одберете место што е оддалечено од градските светла, со јасен и широк поглед кон небото. Понесете ќебе или лежалка, облечете се удобно и почекајте очите да се привикнат на темнината — така шансите да ја уловите магијата на оваа ѕвездена ноќ ќе бидат поголеми.