Љубителите на музиката од целиот свет вечерва ќе ги вперат погледите кон Базел, Швајцарија, каде што ќе се одржи финалето на 69-тото издание на најголемиот европски музички спектакл – Евровизија. Настанот ќе започне точно во 21:00 часот по средноевропско време, во арената St. Jakobshalle, а публиката ќе може да го проследи во живо.
Во големото финале ќе се натпреваруваат 26 земји – 20 кои се изборија за пласман преку двете полуфинални вечери и уште шест земји кои директно се квалификуваа: „Големата петорка“ (Франција, Германија, Италија, Шпанија и Обединетото Кралство), како и домаќинот Швајцарија.
Според прогнозите на обложувалниците и резултатите од анкетите, најголеми шанси за победа има Шведска со триото KAJ и нивната песна „Bara Bada Bastu“. Во најтесниот круг на фаворити се и Израел, кој настапува со „New Day Will Rise“ во изведба на Yuval Raphael.
Финалната вечер ќе ја отвори ланскиот победник, Nemo од Швајцарија, со изведба на песната „The Code“. Освен него, ќе настапат и неколку поранешни швајцарски претставници, како и специјалните гости Baby Lasagna и Käärijä.
Гласањето ќе се врши комбинирано – дел од националните стручни жирија, дел од гледачите, како и гласови од „остатокот од светот“ преку онлајн платформа.
Македонската публика ќе може да го следи финалето во живо на националната телевизија, со почеток во 21:00 часот по локално време.