Вељаноски пред Судот: Немав можност да го исклучам Зекирија Ибраими

На денешното рочиште во Судот за настаните од 27 април, сведочеше поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

„Ѓошевски девет години ми беше обезбедување. Го наследив од претходниот претседател Љубиша Георгиевски“, вака го почна сведочењето во Судот поранешниот собраниски спикер.

Се вчитува...

Вељаноски во Судот е повикан како сведок на обвинетиот Ѓошевски, кој се товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

„Тој ден околу пладне имавме куса координација за писмо од 31 пратеник на СДСМ за да ја продолжиме седницата следнито ден. Седницата продолжи со реплики на говорот на Панчо Минов. Ситуацијата беше напната цел ден. Во една таква процедурална забелешка Крсто Мукоски ја испеа македонската химна. Следеа процедурални, па пратеникот Зекирија Ибраими ја пееше албанската химна“, истакна Вељаноски, додавајќи дека комуницирал со Ѓошевски и му рекол да биде подготвен и на штрек. Запрашан зошто не го исклучил Ибраими, тој одговори:

„Немав можност да исклучам Ибраими. Ако е од место можеше да се исклучи, а од говорница нема таква можност, за жал. Испеа, дојде 18 часот, ја прекинав седницата и реков продолжуваме утре, ама никој не излегуваше од салата. Останав уште 10 минути, и потоа си заминав. Мислев дека се во салата поради мене. Се качив горе во кабинетот“, рече Вељаноски, а потоа се случи и упадот во Собранието.

„Кога излегов на врата пред кабинетот веќе беа демонстрантите. Ги прашав зошто го прават тоа, и дека ние сме тука, и во тој момент го видов Горан кој падна и изгуби свест. Другите го внесоа во кабинетот и го освестија“, истакна Вељаноски.

Извор: ТВ21