Балкан

Величањето на воените злосторници е неспоиво со европските вредности, вели Марта Кос

Величањето на воените злосторници е неспоиво со европските вредности, вели Марта Кос

Снимките од погребот на Ратко Младиќ во Белград се длабоко вознемирувачки и покажуваат неуспех во соочувањето со минатото, што е спротивно на вредностите во срцето на европската интеграција, изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос од говорницата на Европскиот парламент во Стразбур.

На денешната пленарна дебата за масовното присуство на погребот на Младиќ, Кос нагласи дека е особено загрижувачки тоа што српски министри, државни службеници и воени претставници, заедно со лидери од Република Српска, јавно му оддадоа почит на воен злосторник. Таа ги повика српските власти да започнат вистински процес на помирување, истакнувајќи дека Европската комисија била јасна оти величањето на воените злосторници, негирањето на геноцидот и ревизионизмот се фундаментално неспоиви со европските вредности.

Во дебатата се вклучи и хрватскиот европратеник Давор Иво Штиер од Европската народна партија, кој порача дека во европското семејство нема место за оние кои ја величаат политиката на Младиќ и Милошевиќ, додавајќи дека не смее да има европски средства за оние кои не се дистанцираат од тоа минато. Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, оцени дека организирањето на погребот е уште еден пример за неприфатливиот однос на официјален Белград кон злосторствата од блиското минато и покажува во која насока денес се движи Србија.

Од друга страна, бугарскиот европратеник Петар Волгин од групата „Европа на суверените нации“ ги обвини Брисел и ЕУ за двојни стандарди, посочувајќи дека европските функционери реагираат на погребот на Младиќ во Белград, но немало никакви реакции при слични настани во Киев.

Младиќ, кој почина на 27 август во затворот во Хаг додека издржуваше доживотна казна за геноцид и злосторства против човештвото, беше погребан на 7 септември на гробиштата Топчидер во Белград со воени почести и во присуство на илјадници поддржувачи, а опелото го одржа српскиот патријарх Порфириј.

Во јули 1995 година во масакрот во Сребреница беа убиени околу 8.000 босански муслимани од страна на силите на босанските Срби – злосторство што беше квалификувано како геноцид од страна на Меѓународниот трибунал во Хаг. Во 2024 година, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која 11 јули беше прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, како и резолуција со која се осудува величањето на лица осудени за воени злосторства. 

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни