Лидерот на Движењето за Нова Република, Ивон Величковски, повика на радикални промени во правосудниот систем, вклучително и еднократен реизбор на судии и обвинители во Собранието, со цел враќање на довербата во институциите.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.мк, Величковски изјави дека државата располага со доволен кадар, но дека проблемот е во довербата и отчетноста.
„Нема да останеме без судии, затоа што нашата Академија за судии и обвинители произведе доволно кадар“, рече тој.
Според него, клучен чекор е транспарентен избор и проверка на носителите на правосудните функции.
„Потребен е еднократен реизбор на судии и обвинители во Собранието – да знаеме за кого се гласа и за што се гласа“, нагласи Величковски.
Тој се осврна и на искуството со ветингот во Албанија, оценувајќи дека, и покрај контроверзиите, довербата во правосудството таму е подобрена.
„Дали има подобрување на довербата во судството во Албанија? Има“, изјави тој.
Величковски посочи дека корупцијата во земјата е длабоко вкоренета и поврзана со политички и бизнис-интереси.
„Тоа е криминал на ‘бели јаки’… кој ги зема парите и ваши, и мои, и на нашите деца“, рече тој.
Тој нагласи дека ветингот мора да опфати поширок круг институции, а не само правосудството.
„Ветинг мора да има“, порача Величковски.
Погледнете ја целата емисија:
