Велика Британија ќе и обезбеди на Украина извозно финансирање во износ од 192 милиони фунти (245 милиони долари) за купување нуклеарно гориво од производители, вклучително и британски компании, објави британскиот министер за енергетска безбедност и јаглеродна неутралност Грант Шапс за време на посетата на Киев.
Електричната мрежа на Украина беше сериозно оштетена од руските воздушни напади минатата година, што ја направи уште позависна од старите нуклеарни централи, кои пред војната обезбедуваа околу половина од електричната енергија во земјата, забележува агенцијата.
„Целта на гаранцијата што ја даваме е да и помогнеме на Украина да обезбеди… нуклеарно гориво кое во иднина нема да треба да оди преку Русија. Овие пари ќе обезбедат горивото да доаѓа од многу посигурни извори, рече Шапс. Тој посочи дека еден од тие извори ќе биде Уренко, британски конзорциум за нуклеарно гориво со странско учество.
Украина моментално контролира три од своите четири оперативни нуклеарни централи, потсетува Ројтерс. Русија го зазеде четвртиот – во јужниот регион Запорожје, во март минатата година – непосредно по нејзината инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. Оттогаш, двете земји меѓусебно се обвинуваат за закана за безбедноста на нуклеарната централа.