Посетата на Венеција би можела да стане поскапа за дневните туристи. Локалните власти разгледуваат можност максималната туристичка такса за влез во градот во 2027 година да достигне 30 евра, а истовремено да се продолжи и периодот во кој таа се наплаќа.
Микеле Зуин, градски советник задолжен за буџетот и даноците, изјави дека сегашната такса од 5 до 10 евра е прениска за да придонесе во справувањето со прекумерниот туризам.
Според него, се разговарало и за можноста таксата да достигне 50 евра, но една од опциите што во моментов се разгледуваат е максималната цена да биде поставена на 30 евра во 2027 година.
Таксата се однесува само на дневните посетители, односно туристите кои не престојуваат со ноќевање во Венеција. Мерката беше воведена во 2024 година, а посетителите кои однапред ќе ја резервираат својата посета можат да платат пониска такса.
Целта на локалните власти е со мерката да се влијае врз туристичкиот притисок во најпосетуваните периоди од годината. Посетителите би можеле да бидат поттикнати да ги избираат деновите со помала посетеност наместо периодите кога во градот има најголем број туристи, како што е првомајскиот празник.
Венеција со години се соочува со предизвиците поврзани со масовниот туризам, додека истовремено градот бележи и депопулација.
Зголемувањето на таксата, нејзиното евентуално продолжување на подолг период од годината и различното тарифирање според периодот на посетата се дел од мерките со кои локалните власти се обидуваат да управуваат со големиот број дневни посетители.