Венецијанската комисија за Законот за јазици – бараат да не се применува во судскиот систем

Министерството за правда  ќе ги почитува препораките на Венецијанската комисија и ќе ги започне измените на Законот за јазиците откако ќе го добие официјалното мислење. Ова се наведува во сооопштението на министерството откако од Комисијата побараа да се ревидира законот пред се  во делот на употребата на јазикот во судскиот систем.

Артан Груби од ДУИ вели дека цената на мирот, еднаквоста и меѓуетничките односи е неспоредлива со цената на еден закон. Тој посочи дека за употребата на албанскиот јазик во судскиот систем не гледа зошто Венецијанската комисија навела дека е можно да има пречки бидејќи на тој систем функционира и Европската унија со многу поголем број официјални јазици.

Опозициската Алијанса за Албанците не ги прифаќа забелешките и од оваа партија велат дека не прифаќаат употребата на јазикот да се уназадува. Законот е донесен во Собранието и не треба да се менува, вели пратеничката на Алијанса за Албанците Арта Точи.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека ваквото мислење на Венецијанската комисија е правно политички срам за Владата предводена од СДСМ и порака законите да не се носат набрзина туку пред нивното усвојување задолжително да се дадат на мислење до комисијата. Антонио Милошоски вели дека препораките треба да бидат прифатени а за ова да се понесе и политичка одговорност.

Во забелешките на Венецијанската комисија се наведува дека во одредени области законот оди премногу далеку наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции. Ова е особено случајот со одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена. Законот  беше усвоен во јануари 2018 година на без гласовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тогашниот претседател Ѓорге Иванов го употреби суспензивното вето и го држеше во фиока цела година, по што претседателот на Собранието го објави во Службен весник само со негов потпис.

Извор: ТВ21