Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј Ди Венс, кој учествуваше во завршната фаза на преговорите што доведоа до примирје со Иран, изјави дека постигнатиот договор е многу кревок и дека му дал увид во начинот на функционирање на иранскиот систем на власт.
Говорејќи во Будимпешта, Венс истакна дека реакциите од Техеран биле неодговорни и зависеле од тоа од кој дел на власта доаѓаат. Според неговите зборови, додека министерот за надворешни работи позитивно реагирал на предложениот план, други актери, како што тврди, изнесувале неточни тврдења за ефектите од американските воени акции, но и за самите услови на примирјето.
„Затоа велам дека ова е кревко примирје. Постојат луѓе кои очигледно сакаат да седнат за преговарачкиот стол и да работат со нас на добар договор, а потоа има и такви кои лажат дури и за кревкото примирје што веќе го постигнавме“, рече Венс.
Тој посочи дека постои простор за напредок, но само доколку Иран покаже подготвеност за искрена соработка.
„Ако Иранците се подготвени да работат со нас во добра волја, мислам дека можеме да постигнеме договор. Ако ќе лажат, мамат и се обидуваат да го спречат спроведувањето на ова кревко примирје што го воспоставивме, нема добро да поминат“, предупреди Венс.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп им наредил на своите тимови привремено да го одложат користењето на одредени воени, дипломатски и економски инструменти за притисок врз Иран, но истакна дека тие опции остануваат достапни доколку преговорите не одат во конструктивна насока.
„Нè повика да дојдеме за преговарачкиот стол“, рече Венс, алудирајќи на Трамп.
На крајот испрати и јасна порака до Техеран:
„Но ако Иранците не сторат исто, ќе видат дека претседателот на САД не е некој со кого треба да се игра. Тој е нетрпелив. Нетрпелив е да се постигне напредок“, заклучи Венс.
