Белата куќа во четврток објави видео од Овалната соба на кое се гледаат евангелистичките верски водачи собрани околу американскиот претседател Доналд Трамп, молејќи се за него и за успехот на САД во војната против Иран.
Трамп, кој седи на своето биро, е опкружен со 20 луѓе, а молитвата ја води Том Малинс од Палм Бич Гарденс, Флорида.
„Се молам за Твојата благодат и Твојата заштита над него. Се молам за Твојата благодат и Твојата заштита над нашите војници и сите наши мажи и жени кои служат во нашите вооружени сили. И Татко, ние само се молиме да продолжиш да му ја даваш на нашиот претседател силата што му е потребна за да ја води нашата нација додека се враќаме во една нација под Бога“, рече Малинс.
Според „Баптист њуз“, Ралф Рид од Коалицијата за вера и слобода го опиша молитвениот состанок, како и барањето од Бога за поддршка на американските трупи во нивните напади врз Иран: „Му сум благодарен на претседателот Трамп за неговата храбра одлука да го нападне терористичкиот режим во Иран. Чест ми е да се молам за него и за нашите вооружени сили во Белата куќа. Нека Бог им подари победа и слобода на иранскиот народ“.
Во морето од коментари, многумина го фалат Доналд Трамп и неговото водство, но има и такви што го критикуваат. Го нарекуваат педофил поради неговата врска со Џефри Епштајн и ја критикуваат неговата последна војна, објавува Dnevnik.hr.
„Не мислам дека Бог би одобрил започнување војна“, е еден од коментарите.
Други рекоа: „Губење време. Тој има резервирано место во ПЕКОЛОТ“, „Мириса на култ“, „Добро, добро, сите ја добија пораката. Разбираме дека изгледа како Тајната вечера. Каков крвав театар. Оваа слика е бизарна и морничава. Воопшто не е природна“, „Бог го мрази кога убиваш невини“.
