ВИДЕО Адвокат се потстрижа пред косовското Собрание во знак на протест

Косовскиот адвокат Арианит Коци, кој со недели протестира поради неспособноста на политичките партии да го конституираат новиот состав на Собранието на Косово, денеска направи симболичен и драматичен потег – ја ишиша својата коса пред камерите, по што им се обрати на новинарите со порака дека државноста на Косово е сериозно загрозена.

„Државноста на Косово ни е загрозена, па нашите пријатели и непријатели се убедуваат дека не сме способни да одржуваме држава. Ова веќе не е политика, туку влегува во категоријата параполитика. Затоа, барам Собранието веднаш да се формира денеска, а овој протест не е само за политичарите и пратениците, туку и за сите луѓе кои заспале и се во колективна депресија. Не заборавајте – без Собрание нема демократија, без Собрание нема економски и социјален развој, без Собрание нема држава“, вели тој.

Според него, ова не е само протест против политичарите, туку и повик за будење на граѓаните од, како што рече, „колективната депресија“. Коци предупреди дека без функционално Собрание нема демократски процеси, нема економски и социјален напредок, и, најважно – нема држава.

Адвокатот секојдневно присуствува пред зградата на Собранието, протестирајќи при секој нов обид за конститутивна седница. Минатата недела, неговиот протест привлече внимание кога се појави со магариња – симболичен израз на револт и иронија за политичката состојба во земјата.

Инаку, денеска во Приштина се одржува веќе 50-тиот обид за конституирање на новиот парламентарен состав, седница која сè уште е во тек.

Косово се наоѓа во политички ќор-сокак по одржаните избори, бидејќи партиите не успеваат да се договорат околу формирањето на парламентарното мнозинство и изборот на новиот претседател на Собранието.