Македонија

ВИДЕО Американската медиумска мрежа Newsmax Balkans започна со работа во Скопје

ВИДЕО Американската медиумска мрежа Newsmax Balkans започна со работа во Скопје

Американскиот медиум Newsmax, преку својата регионална платформа Newsmax Balkans, од неодамна е присутен и во Скопје. Новото дописништво во главниот град е дел од амбициозниот план на медиумот за проширување низ Балканот, по веќе отворените студија во Белград, Бања Лука, Подгорица и други регионални центри.

Според информации на 4NEWS.mk, две новинарки од ТВ Алфа се ангажирани како дописнички од Скопје, а нивното прво вклучување во програмата се случи вчера, во рамки на емисијата Пресек, каде темата беше посветена на цените на горивата и економските предизвици во земјава.

Програмата се емитува на српски јазик.

Newsmax Balkans претставува прв медиумски партнер на американската платформа Newsmax надвор од САД, и започна со емитување во октомври 2024 година. Со седиште во Белград, медиумот е дел од поширока стратегија за покривање на локални и регионални теми преку современа и професионална продукција.

Со мото „вредни вести за вистински луѓе“, телевизијата се позиционира како новинарска алтернатива која инсистира на факти, анализа и балансиран пристап, со посебен акцент на економијата, политиката и општествените теми од регионот. Медиумот е технолошки поддржан од телекомуникацискиот гигант Телеком Србија и користи најнова продукциска опрема за емитување во 4K резолуција.

Отворањето на дописништво во Скопје е дел од поширока стратегија за медиумско присуство во сите земји од Балканот, вклучително и идни планови за проширување кон Албанија. Од Newsmax Balkans најавуваат дека нивна цел е да понудат платформа за професионално, одговорно и ангажирано новинарство кое ги вклучува и гласовите од Северна Македонија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни