Свет

ВИДЕО Авион се урна во Турција, загина командантот на либиската армија

ВИДЕО Авион се урна во Турција, загина командантот на либиската армија

Началникот на Генералштабот на либиската армија загина во авионска несреќа во Турција, објави либискиот премиер.

Генералот Мохамед Али Ахмед ал-Хадад наводно бил во авион „Фалкон 50“ со уште четири лица. Авионот полетал од Анкара и бил на пат кон Триполи.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја објави на платформата X дека контактот со деловниот авион е изгубен во 20:52 часот по локално време (18:52 часот по средноевропско време), приближно 42 минути по полетувањето од аеродромот во Анкара.

Според турските власти, авионот побарал итно слетување непосредно пред да го изгуби контактот. Оттогаш немало понатамошна комуникација со авионот.

„Остатоци од авионот, кој полета од аеродромот Анкара-Есенбога кон Триполи, беа пронајдени од нашите жандармериски сили 2 км јужно од селото Кешикавак, во округот Хајмана, околу 50 км југоисточно од турската престолнина“, рече Јерликаја.

Либискиот премиер Абдул Хамид Дбеибех, шеф на меѓународно признатата Влада на национално единство со седиште во Триполи, потврди дека ја примил веста за смртта на генералот ал-Хадад. Тој исто така рече дека во авионот се наоѓаат и други високи либиски воени функционери.

Генералот ал-Хадад и членовите на неговиот тим беа во Турција на разговори насочени кон понатамошно зајакнување на воената и безбедносната соработка меѓу двете земји. Околностите на несреќата сè уште не се детално објаснети, а надлежните служби спроведуваат истрага.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни