Силни поплави предизвикани од обилни врнежи го погодија рускиот регион Дагестан, при што дојде до сериозни оштетувања на инфраструктурата и уривање на објекти.
Во главниот град Махачкала, трикатна станбена зграда се урнала откако нејзината основа попуштила поради натопеното земјиште. Според сведоци, објектот почнал да тоне, по што се лизнал во воден канал. На социјалните мрежи се појавија снимки од моментот на уривањето.
Надлежните служби не ја исклучуваат можноста да има луѓе затрупани под урнатините, додека спасувачките екипи работат на евакуација на жителите од околните објекти како мерка на претпазливост.
Поплавите се резултат на обилни дождови кои предизвикаа излевање на реки, оштетување на патишта и мостови, како и масовни прекини на електричната енергија. Во регионот без струја останале стотици илјади жители, а властите прогласија вонредна состојба во повеќе области.
Илјадници луѓе се евакуирани, додека бројни домови, возила и јавна инфраструктура се оштетени. Поплавите се сметаат за едни од најтешките во последните години во Северен Кавказ.
Спасувачките операции продолжуваат, а властите предупредуваат дека иако водостојот во некои делови почнал да опаѓа, ризикот од нови одрони и уривања останува висок.
