ВИДЕО: Дебакл на стартот од сезоната на Попова Шапка, ски лифтот не работи

Дебакл на стартот на зимската сезона на Попова Шапка. Бесплатниот ден денеска не можеше во целост да се искористи. Ски лифтовите денеска не работеа, па љубителите на зимските спортови беа приморани пеш да одат по патеките.

На патеката “Тетекс“ ски лифтот денеска не беше во функција, патеките не биле дефинирани ниту пак расчистени. Посетителите денеска мораа да одат контра-правец за да ги остварат своите спустови.

Се вчитува...

За актуелната состојба на Попова Шапка ТВ21 се обиде да стапи во контакт со Елем Турс, но до овој момент не успеавме да добиеме одговор.

Во вчерашното соопштение испратено од Елем Турс се вели дека се е подготвено за старт на сезоната.

„Скијачкиот центар е целосно подготвен и екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените. Спроведени се редовните технички подготовки и активности за почеток и тек на новата ски-сезона, извршено е обележување на
постојните патеки, а скијачките терени се подготвени со помош на машините за подготовка на скијачките патеки“, се вели во вчерашното испратено соопштение од Елем Турс.

Оваа година сезонскиот билет е 9.500. Дневниот билет, кој важи од 9 до 15 часот, ќе се продава по цена од 900 денари, полудневниот билет кој важи од 12 до 15 часот чини 600 денари. Билетот за ноќно скијање, кој важи од 19 до 22 часот, ќе чини 500 денари. За сите билети се наплаќа повратна кауција во висина од 150 денари. Новина од оваа година е можноста за туристички разглед со снеготапкач по цена од 6.500 денари од час.

Извор: ТВ21