Драматично видео се појави од автобусот чиј возач починал среде возење, а двајца патници сфатиле дека нешто тргнало наопаку.
Драмата се одвивала во Колорадо Спрингс, САД.
На видеото се гледа дека, кога на возачот му се слоши, едниот човек приоѓа да провери што се случува, а другиот, гледајќи во каква опасност се наоѓаат, брзо скока и ја презема контролата над воланот.
Додека истовремено повикувал брза помош, човекот кој ја презел контролата над автобусот успеал безбедно да го запре возилото.
Возачот починал
И покрај напорите на двајца патници и доаѓањето на итната помош, возачот на автобусот починал. Mountain Metropolitan Transit, кој е сопственик на автобусот, ги пофали постапките на двајцата мажи.
„Mountain Metropolitan Transit искрено им се заблагодарува на тие патници за нивното брзо размислување и постапки, кои веројатно спречија уште потрагична ситуација“, рече портпаролката на МТТ, Елејн Шеридан.
„Упативме јавен апел до двајцата патници да стапат во контакт бидејќи сакаме да им понудиме бесплатни билети како благодарност за нивната помош тоа утро“, додаде Шеридан.
Портпаролката додаде дека успеале да го дознаат името на херојот кој ја презел контролата над автобусот, но не можеле да стапат во контакт со него бидејќи го напуштил местото пред да пристигнат итните служби.
Од друга страна, патникот кој прв забележал дека возачот не е добро го напуштил местото на настанот пред да пристигне брзата помош бидејќи морал да оди на работа, па надлежните не успеале да го легитимираат.
Шеридан рече дека семејството на починатиот возач на автобус побарало приватност во овој момент.