Млада Германка е тешко повредена во близина на аеродромот на грчкиот остров Скијатос, откако била повлечена од реактивната струја на авион што полетувал и паднала на асфалтот, јавува грчката телевизија Скај.
Аеродромот на островот привлекува голем број туристи кои доаѓаат да набљудуваат и фотографираат авиони кои слетуваат и полетуваат на многу мала височина.
Реактивната струја на авионот утринава околу 10 часот повлекла две млади жени, но само едната добила потешки повреди.
По инцидентот, пред пристигнувањето на медицинските екипи, пријателите на повредената изградиле околу неа заштитен ѕид за да ја заштитат од реактивната струја на следниот авион, кој требало да полета за 10 минути.
Ова не е прв ваков инцидент на аеродромот во Скијатос. Во 2022 година, Британка доби повреда на главата додека набљудуваше полетување на авион.
