Свет

ВИДЕО Големи шумски пожари во Франција: Евакуирани 10.000 луѓе, седум региони под црвен аларм

ВИДЕО Големи шумски пожари во Франција: Евакуирани 10.000 луѓе, седум региони под црвен аларм

Седум департмани во јужниот дел на Франција се ставени под највисок, црвен степен на тревога поради исклучително висок ризик од шумски пожари, додека уште 41 област е под портокалов аларм, соопштија француските власти.

Најкритична е состојбата во департманот Источни Пиринеи, каде голем пожар во близина на Тревијах зафатил најмалку 4.600 хектари и брзо се шири. Поради опасноста, жителите на 26 општини добиле препорака за евакуација, а досега од погоденото подрачје се евакуирани околу 10.000 лица.

Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нунјез, најави посета на погодениот регион, каде ќе го посети оперативниот штаб и ќе се сретне со пожарникарските екипи и локалните власти.

„Како што и очекувавме, се соочуваме со многу тешка сезона на пожари, која започна еден месец порано од вообичаено“, изјави Нунјез. Според него, од почетокот на годината во Франција изгореле повеќе од 11.000 хектари, што е речиси двојно повеќе во споредба со истиот период лани, кога биле уништени околу 5.700 хектари.

Поради пожарите во Источните Пиринеи, организаторите ја изменија денешната етапа на Тур де Франс, која ќе се одржи без присуство на публика и без традиционалниот промотивен караван.

Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти дека четири противпожарни авиони од европската флота RescEU ќе бидат испратени во Франција како дел од европската соработка во борбата против шумските пожари.

Поради огнената стихија, неколку железнички линии биле привремено затворени, а во регионот Еро повеќе од 100 пожарникари интервенираат на над 30 пожари, од кои дел сè уште не се локализирани.

Во местата Карленкас и Лекас, околу 200 пожарникари и натаму се борат со пламените јазици на исклучително стрмен терен. При една од интервенциите, пожарникар се здобил со полесни изгореници и повреди по пад, додека десетина жители биле евакуирани од неколку населени места.

Францускиот претседател Емануел Макрон изрази солидарност со граѓаните погодени од пожарите.

„Солидарност со нашите сограѓани во Источните Пиринеи, Еро, Гар, Дром, Од, Арјеж, Горна Лоара и Алпите на Горна Прованса, погодени од пожарите“, напиша Макрон на социјалната мрежа Икс.

Тој им се заблагодари на пожарникарите и на локалните власти за нивната посветеност и ги повика граѓаните строго да ги почитуваат безбедносните препораки на надлежните служби.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни