Човекот кого го слават како херој, затоа што му го одзел оружјето на еден од напаѓачите за време на масовното пукање на австралиската плажа Бонди, денеска доби чек во износ од повеќе од 1,65 милиони американски долари (2,5 милиони австралиски долари). Средствата се собрани преку донации од десетици илјади луѓе ширум светот, пишува Ројтерс.
This is the touching moment when brave hero Ahmed Al Ahmed found out that kind people from all over the world collected 2.5 million Australian dollars to support him. His thankful words to everyone who donated were full of warmth and love.clearly c the love 4rm local people. pic.twitter.com/dXAuqD9sm6
— hijabnaqvi (@hijabnaqvipan) December 19, 2025
Храбар чин што спаси животи
Ахмед ал Ахмед се сокрил зад паркирани автомобили, а потоа од зад грб се нафрлил врз еден од напаѓачите, му го одзел оружјето и го соборил на земја. Притоа се здобил со прострелни рани, откако, како што изгледа, кон него пукал друг напаѓач. Во моментов се опоравува во болница по извршена операција.
Повеќе од 43.000 донации од целиот свет
Големиот чек му бил врачeн во болничкиот кревет од Закери Дерениовски, инфлуенсер на социјалните мрежи и коорганизатор на кампањата на платформата GoFundMe. На муслиманскиот татко на две деца му беше доделен чек во износ од точно 2.533.585 австралиски долари.
Во собирањето средства учествувале повеќе од 43.000 луѓе од целиот свет, меѓу кои и милијардерот и менаџер на хеџ-фондот Бил Акман, кој донирал 99.999 австралиски долари. Ахмед во болницата го посетиле и австралискиот премиер, како и премиерот на сојузната држава, за да ја пофалат неговата храброст.
„Го направив тоа од срце“
Кога му бил врачeн чекот, Ахмед прашал: „Дали го заслужувам ова?“, на што Дерениовски одговорил: „Секој цент“. На прашањето што би им порачал на луѓето кои донирале, Ахмед рекол: „Да стоиме еден покрај друг, сите човечки суштества. И да ги заборавиме сите лоши работи… и да продолжиме да спасуваме животи.“
„Кога ги спасив луѓето, го направив тоа од срце, затоа што беше убав ден, сите уживаа, славеа, со своите деца, жени, мажи, тинејџери – сите, сите беа среќни и заслужуваат, заслужуваат да уживаат“, додаде Ахмед, кревајќи ја својата неповредена тупаница во воздух.
„Оваа земја е најдобрата земја на светот, најдобрата земја на светот, но нема само да стоиме и да гледаме – доста е. Бог да ја чува Австралија. Ози, ози, ози.“ Сопственикот на продавница за тутун не изјави што планира да направи со парите.
Кој е Ахмед ал Ахмед?
Ахмед (43) го напуштил својот роден град во северозападната сириска провинција Идлиб пред речиси 20 години, во потрага по работа во Австралија.
Да потсетиме, во нападот во неделата беа убиени петнаесет лица, а десетици беа повредени откако двајца напаѓачи отворија оган врз луѓето кои на познатата плажа го славеа Ханука, еврејскиот празник на светлината. Властите соопштија дека нападот го извеле 50-годишен татко, кој бил убиен од полицијата, и неговиот 24-годишен син, кој се наоѓа во критична состојба.
