ВИДЕО Итни евакуации во Албанија, стотици домаќинства поплавени

Интензивните врнежи во Албанија во последните денови предизвикаа низа проблеми во различни региони на земјата.

Во последните часови нивото на реките во некои региони нагло се зголемило, што доведе до поплави на домаќинства и земјоделски површини, одрони, штети на инфраструктурата и блокирани патишта.

Од албанското Министерство за одбрана информираа дека најпроблематична е ситуацијата во северозападните окрузи Шкодра, Лежа и Дурас, југозападниот Фиер и јужните Берат и Гирокастра.

Според министерството, поради поплавите итно се евакуирани жители од округот Валона (Југозападна Албанија), Фиер и Дурас.

Во округот Дурас, каде што се поплавени над 800 домаќинства, над 300 лица се евакуирани и привремено сместени на други локации, во Валона се евакуирани 13 семејства, а во Лежа – две семејства.

Локалната полиција во градот Дурас соопшти дека телото на 54-годишен маж, се претпоставува однесен од брзите води по обилните врнежи, било пронајдено во одводен канал.

Албанскиот Институт за геонауки (IGJEO) информира дека како резултат на силните врнежи се очекува зголемување на нивото на реките Мат, Ерзен, Шкумбин и Семан.

Зголемена опасност од прелевање денес има кај реките Вјоса, Дрин, Буна и Скадарско езеро. Се очекува утре врнежите да започнат да ослабуваат и нивото на реките да опадне, додека во северните, источните и југoисточните делови на земјата ќе наврне снег.

Од Меѓународниот аеродром во Тирана соопштија на нивната Фејсбук-страница дека поради неповолните метеоролошки услови има промени во времето на поаѓање и слетување на летовите, но работењето на аеродромот продолжува нормално. Граѓаните се повикуваат постојано да ја следат состојбата за своите летови и да очекуваат информации од авио-компаниите кои ги реализираат.