Свет

ВИДЕО Килауеа повторно еруптираше: Лава до 380 метри над кратерот Халемаумау!

ВИДЕО Килауеа повторно еруптираше: Лава до 380 метри над кратерот Халемаумау!

Вулканот Килауеа на Хаваи повторно еруптираше, исфрлајќи лава во висина до 380 метри, соопшти Американскиот геолошки завод (USGS). Станува збор за еден од најактивните вулкани во светот, чија активност постојано е под мониторинг на надлежните служби.

Како што пренесува „Њузвик“, ова е 39-та епизода од тековната еруптивна фаза на Килауеа, која започнала на 23 декември во 20:10 часот по локално време. Од северните и јужните отвори се регистрирани континуирани фонтани од лава високи околу 30 метри, додека во претходните епизоди ерупциите создавале облаци од вулкански материјал што достигнувале и до 6.000 метри над земјата.

Националната метеоролошка служба информира дека ветровите од североисток ги насочуваат емисиите на вулкански гасови и честички кон југозапад, што може да влијае врз квалитетот на воздухот во пошироката околина. Сепак, според USGS, целокупната вулканска активност засега е ограничена во рамки на кратерот Халемаумау, кој се наоѓа во Националниот парк „Вулканите на Хаваи“.

Надлежните служби уверуваат дека комерцијалните аеродроми во округот Хаваи – Кона (KOA) и Хило (ITO) – не се загрозени од актуелната ерупција, објави локалниот портал „Maui Now“. Претходните еруптивни епизоди во овој кратер најчесто траеле еден ден или помалку, по што следувале неколкудневни периоди на затишје.

Црвениот аларм за Килауеа останува на сила, а експертите од USGS продолжуваат внимателно да ја следат состојбата и да ги информираат јавноста и надлежните институции за евентуални промени во активноста на вулканот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни