ВИДЕО Маж на Сицилија дресирал куче нелегално да фрла ѓубре

Маж на Сицилија го дресирал своето куче наместо него да остава вреќи со ѓубре покрај патот, со цел да ги избегне надзорните камери. Градските власти овој потег го нарекоа лукав, но и двојно погрешен, бидејќи освен што го загадил градот, го искористил и животното, пишува „Гардијан“.

Градската полиција на Катанија на својата официјална Фејсбук-страница објави видеоснимка од инцидентот. На неа се гледа мало куче како трча по улицата Виа Пулакара во населбата Сан Џорџо со вреќа ѓубре во устата, по што уредно ја остава покрај патот. Со снимката наведоа дека „досетливоста никогаш не смее да стане изговор за некултурно однесување“.

Властите соопштија дека снимката не остава простор за сомнеж: животното било истренирано за да го поштеди сопственикот од снимање додека тој противзаконски го одлага отпадот. Посочија дека однесувањето било „лукаво колку и двојно погрешно“, бидејќи се загадува градот и се злоупотребува животно за да се заобиколат правилата. „Почитувањето на градскиот ред и животната средина е обврска на сите“, порачаа тие. Мажот наводно е идентификуван и казнет.

Проблемот со нелегалниот отпад во Италија

Нелегалното одлагање отпад е долгогодишен проблем во Италија, особено во јужниот дел од земјата, и носи значителни еколошки и економски последици. Во текот на 2023 година биле евидентирани повеќе од 9.300 прекршоци поврзани со отпад, што претставува зголемување од 66 проценти во однос на претходната година.

Како одговор на овој проблем, општините сè почесто поставуваат надзорни камери, т.н. фото-замки и паметни системи за следење, со цел да го сузбијат нелегалното фрлање отпад и злоупотребата на центрите за рециклирање. Стратегијата се темели на видеоснимки како доказ за изрекување високи казни, а често е поврзана и со напори за подобрување на системот за собирање отпад.

На пример, во Палермо се поставени стотици камери и фото-замки во сите градски квартови. Според тврдењата на локалните власти, дури 93 проценти од казните за нелегално одлагање отпад во тој град се темелат на видеоснимки.

Според италијанскиот закон, за неовластено одлагање отпад, што вклучува и вреќи со домашно ѓубре, се предвидени парични казни во износ од 1.500 до 18.000 евра, со можност и за покренување кривична постапка.