ВИДЕО: Метеорит снимен во пад над Хрватска

Ноќта на 14 август, метеорит падна во реонот околу хрватскиот град Риека, а експерите од Хрватското астрономско здружение проценуваат дека грутка од околу 150 грама завршила на земјата.

Сепак, не постои можност да се истражи тоа, бидејќи областа е непроодна и опасна.

Огнената топка била снимена од камерите на Хрватската метеорска мрежа, но и Глобалната метеорска мрежа која има станици во Италија и Словенија, па дури и од Прага.

„Во својот најголем отсјај, огнената топка беше над Риека и беше светла како полна Месечина. Светлечката топка го започна својот лет… над Средна Европа на висина од 92,7 километри со брзина од 13 километри во секунда и заврши на висина од 23,2 километри по околу 8 секунди“, соопштуваат од Здружението.

Според пресметките, при самиот пад останале околу 150 грама метеорит што сега се наоѓа некаде во планините југоисточно од Риека, на непроодно подрачје, па затоа потрага по каменот од Вселената нема да биде организирана.

„Не може да процениме колку би вредело ова на пазарот, бидејќи не знаеме од каков материјал е направено. Затоа треба да се најде“, рече генералниот секретар на Здружението, Доријан Божичевиќ.

Најевтините метеори обично вредат неколку евроценти за грам, а највредни се грутките од Марс, кои се и најретки.