ВИДЕО На брегот на Охридско езеро откриена најстарата езерска населба во Европа, стара околу 8.000 години!

Археолозите кои работат на брегот на Охридското Езеро во Албанија веруваат дека ја откриле најстарата човечка населба изградена на европско езеро, наоѓајќи докази за организирана ловџиска и земјоделска заедница која живеела пред дури 8.000 години.

Тимот од Швајцарија и Албанија поминува часови секој ден три метри под вода, макотрпно отстранувајќи дрвени столбови што ги потпирале куќите, објавува Ројтерс.

Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн рече дека слични населби се пронајдени во алпскиот и медитеранскиот регион, но дека населбите во селото Лин на Охридското Езеро се половина милениум постари, датираат од пред помеѓу 6.000 и 8.000 години.

Староста на наодите е утврдена со радиојаглеродно датирање и дендрохронологија, која ги мери годишните прстени за раст на дрвјата. Повеќе од илјада примероци од дрво се собрани од локацијата, на која можеби живееле неколку стотици луѓе.

Се верува дека зафаќа речиси шест хектари, но досега е ископан само околу еден процент, по шест години работа.

Хафнер рече дека наодите покажуваат дека луѓето што живееле на езерото придонеле за ширењето на земјоделството и сточарството во други делови од Европа.

„Тие сè уште се занимавале со лов и собирање, но стабилен приход за храна доаѓал од земјоделството“, рече тој.