Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ доби ново продолжение со емотивна објава што ја носи моќната изведба на Наум Петрески на песната „Ако умрам ил загинам“, информираат од Скендеровски Продукција, кои стојат зад проектот.
Овојпат, велат тие, проектот не зборува само за љубовта кон татковината, туку и за искреното и трајно пријателство. Во видеото трогателно е прикажана врската меѓу Наум и Андреј од групата ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани. Содржи фотографии од нивните дружби и е посветено на споменот за Андреј – како уметник, пријател и човек.
Песната, во новиот аранжман на маестро Николче Мицевски, го задржува духот на оригиналната верзија на Јонче Христовски, но добива уште посилен емоционален набој. Со препознатливиот глас, Наум Петрески ѝ дава нов живот – истовремено како молитва за земјата и како проштална порака за саканиот пријател.
„Немој да ме жалите, напијте се рујно вино…“ – стиховите, истакнуваат од продукцијата, денес одекнуваат и како патриотска порака и како повик на достоинствено сеќавање, за живот што треба да се слави, а не да се жали.