Делови од источна Шкотска во петокот беа погодени од силни поплави откако бурата Бабет донесе пороен дожд и ветрови со брзина од 113 километри на час, а предупредувања за поплави и бури беа издадени во јужна Франција и Данска.
Британската метеоролошка служба издаде црвено предупредување за прв пат од февруари 2020 година, предвидувајќи дека во некои области ќе има и до 250 милиметри дожд.
Една жена загина во четвртокот кога ја однесе река, а маж загина од дрво кое паднало врз неговиот автомобил.
„Ова е извонреден настан и најверојатно ќе видиме нови поплави“, рече Енди Пејџ, шеф на агенцијата.
Тој додаде дека може да се очекуваат прекини во електричната енергија и прекин на основните јавни услуги и ги повика жителите да бидат подготвени за можноста тие да бидат исклучени во следните неколку дена.
Жолти предупредувања се во сила во поголемиот дел од Англија.
Властите во регионот Alpes Maritimes во јужна Франција ги предупредија жителите на поплави и ветрови до 80 милји (130 километри) откако гром предизвика прекин на електричната енергија и затворање на училиштата.
Во Ница одроните и паднатите дрвја затворија бројни патишта, а познатото шеталиште беше затворено поради големите бранови. Превентивно затворени се сите училишта и градинки.
250 луѓе се евакуирани, но никој не е повреден, изјави регионалниот лидер Хјуг Муту.
Невремето на Балтичкото море стигна до источниот брег на Данска и предизвика евакуација на населението и прекин на електричната енергија.
Данската полиција на социјалната мрежа X ги повика жителите и туристите да ја напуштат областа околу плажата Сандерсвиг, бидејќи насипот пукна во близина на одморалиштето во јужниот дел на Јитланд.
Жителите на островот Мон на југоисточниот дел на земјата, исто така, беа повикани на евакуација поради поплави.
Воздушниот и траектниот сообраќај е ограничен, со откажани 88 летови на аеродромот во Копенхаген.