Голем пожар избувна попладнево во близина на Смилковско Езеро, при што пламените јазици брзо се проширија кон нискостеблестата шума и сувата вегетација во околината.
Пожарот почнал во близина на езерските трски, до трафостаницата која се наоѓа во близина на езерото.
„Очвидец пријавил на полицијата дека видел човек како го потпалува пожарот, па полицијата ги проверува неговите наводи“, ни изјави телефонски директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски истакна дека пожарот е подметнат, бидејќи на местото се пронајдени гума и ракавици.
Поради густиот чад и ризикот за безбедноста, прекинат е сообраќајот кон населените места околу езерото, а на терен интервенираат екипи на Противпожарната служба и полицијата.