Свет

ВИДЕО „Ова е трка со времето“ Се зголемува бројот на жртви по земјотресот во Јапонија

ВИДЕО „Ова е трка со времето“ Се зголемува бројот на жртви по земјотресот во Јапонија

Бројот на загинати во силниот земјотрес што ја погоди Јапонија во понеделникот се искачи на 48, соопшти штабот за катастрофи во префектурата Ишикава.

Официјални лица велат дека бројот на жртви би можел да продолжи да расте, јавува Би-Би-Си.

Најмногу луѓе загинале во градот Ваџима, во префектурата Ишикава – 15.

Спасувачите се тркаат со времето за да ги извлечат преживеаните од зградите уништени од земјотресот, изјави денеска јапонскиот премиер Фумио Кишида.

Спасувачките операции во Јапонија продолжуваат, отежнати од тековните последователни потреси и оштетувања на патиштата.

– Мораме да се тркаме со времето за да ги најдеме и спасиме жртвите од катастрофата. Потврдена е многу голема штета, вклучувајќи и бројни жртви, урнати згради и пожари – изјави јапонскиот премиер Кишида.

Тој рече дека им било тешко на спасувачите да стигнат до северниот врв на полуостровот Нотоа, кој најмногу настрадал.

Таму беа испратени илјадници воени лица, пожарникари и полицајци од целата земја.

Сепак, спасувачките напори се отежнати поради тешко оштетените и блокирани патишта, а властите велат дека е тешко да се процени целосниот обем на штетата.

Многу железнички линии, фериботи и летови до областа се суспендирани. Аеродромот Ното е затворен поради оштетување на пистата, терминалот и пристапните патишта.

Во градот Ваџима избувнаа пожари во повеќе од 200 згради , но мали се шансите тие дополнително да се шират, објавија претставници на префектурата Ишикава, пренесува агенцијата Кјодо.

Утринава снимка од јавниот сервис НХК покажува седумкатница која се урна и од неа се издига чад, во централниот дел на Ваџима.

Предупредувањата за цунами за областите долж брегот на Јапонското Море беа укинати утринава, откако највисокиот бран од околу 1,2 метри стигна до пристаништето Ваџима во понеделникот вечерта.

Земјотресот предизвика штети и во префектурите Ниигата, Тојама, Фукуи и Гифу.

Околу 1.000 припадници на силите за самоодбрана се ангажирани во операциите за спасување и помош, рече Кишида.

Неколку силни земјотреси, од кои најсилниот беше 7,6 степени според Рихтеровата скала , во понеделникот ја погодија јапонската префектура Ишикава, на брегот на Јапонското Море.

https://youtu.be/GGtmGYB1-sA

Епицентарот на најсилниот земјотрес бил на околу 30 километри североисточно од Ваџима, на длабочина од 16 километри.

Овој земјотрес, според јапонската сеизмичка скала, бил со јачина од 7 степени, што е највисоко ниво на скалата, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни