ВИДЕО Пекол температури во Грција, измерени 46 степени

Топлотен бран во Грција би можел да трае до понеделник, а температурите денес ќе достигнат речиси 46 степени Целзиусови во земјата која е погодена од екстремна топлина од почетокот на неделата, соопшти метеоролошката служба. Највисоката температура на интензивниот топлотен бран е регистрирана денес во Скала, на полуостровот Пелопонез – 45,8 степени Целзиусови, според веб-страницата на Националната опсерваторија во Атина.

42 степени Целзиусови се регистрирани во Атина и пристаништето Пиреја. Соочени со топлотниот бран, грчките власти одлучија дека Акрополот во Атина ќе остане затворен за посетители до недела во најжешките часови од денот, помеѓу 12 и 17 часот. Мерката е на сила од вторник.

Националната метеоролошка служба EMY, исто така, предупреди дека се очекува топлотниот бран да трае до понеделник. Претходно предвиде пад на температурите во текот на викендот.

Неколку региони се ставени во состојба на висока тревога за утре поради ризик од пожари. Голем пожар гори во регионот Килкис во североисточна Грција, каде што се евакуирани домовите и деловните објекти.

Во Грција, топлотниот бран сериозно го оптоварува и електроенергетскиот систем, со зголемена побарувачка поради интензивната употреба на клима уреди.

Во 2023 година, медитеранската земја, навикната на високи летни температури, го доживеа својот најдолг топлотен бран досега, со локални температури над 46 степени Целзиусови. Минатата година, исто така, го доживеа своето најжешко лето досега.