Највисокиот човек во САД, висок дури 2,35 метри, Игор Вовковински почина од срцева аномалија на 38 години, објави неговата мајка на Фејсбук.
Американецот Вовковински со украинско потекло, почина на 20 август во американската сојузна држава Минесота, а имал тумор кој предизвика претерано лачење на хормонот на раст.
Како резултат на тоа, како дете, семејството се преселило во Рочестер, град во северниот дел на САД познат по својата развиена здравствена заштита.
„Малиот“ Игор, кој веќе беше висок за својата возраст, продолжи да расте и покрај постојаните третмани и достигна рекордна висина за САД, па на 27 години влезе во Гинисовата книга на рекорди како највисок човек во САД.
Според Гинисовата книга највисок човек во светот е Турчинот, Султан Кесен (2,51 метри).
Највисок човек во современата историја е Американецот, Роберт Вадлоу со висина од 2,72 метри. Тој исто така страдаше од абнормално лачење на хормонот на раст. Почина во 1940 година на 22 години.
Инаку, Игор сите го паметиме од Евровизија во 2013 година, кога ја придружуваше Украинката Злати Огњевиќ на сцената.
