Свет

ВИДЕО Поплави во кинески град ослободија стотици змии

ВИДЕО Поплави во кинески град ослободија стотици змии

Околу 900 змии, меѓу кои и отровни видови, се појавија во кинескиот град Хенгџоу по обилните врнежи и поплавите што го погодија југот на земјата, јавија кинеските државни медиуми.

Во поплавите предизвикани од тајфунот Мајсак досега загинаа најмалку 39 лица. Меѓу жртвите е и жена за која се сомнева дека ја каснала кобра што избегала од една од поплавените фарми за влекачи во областа, објави и телевизијата Си-Ен-Ен. Неколку други лица, исто така, пријавиле каснувања од змии.

На социјалните мрежи беа објавени ноќни снимки на кои се гледаат змии како пливаат по поплавените улици со главите над водата, откако надојдените води уништија локални фарми за одгледување змии и ги однесоа животните кон населени места.

По првичните обиди да се намали перцепцијата на ризикот, локалните власти почнаа да издаваат предупредувања до жителите, ангажираа специјализирани екипи за фаќање змии, ги зголемија резервите на противотровни серуми и ги подготвија болниците за можни нови случаи на каснување.

Освен змиите, поплавите предизвикаа и бегство на други животни. Од еден зоолошки парк во регионот избегале, меѓу другото, зебри, јакови, минијатурни коњи, магарци, ноеви, емуа и ракуни. Приватната зоолошка градина во Гуиганг ги предупреди граѓаните дека поедини животни можат да бидат агресивни кога се исплашени. Сопственикот Џин Фејфеј изјави дека персоналот за време на поплавите се обидел да ги заштити кафезите на предаторите, но три лава се удавиле.

Според локалните медиуми, водата однесе повеќе од 16.000 свињи, а спасувачките екипи користеа тешка механизација за нивно извлекување од поплавените подрачја.

Хенгџоу, кој се наоѓа во регионот Гуангси, е познат како „кинеска престолнина на јасминот“, а во последните децении стана и едно од главните средишта за одгледување змии. Во Гуангси се забележани повеќе од 100 видови змии, а до 2020 година таму имало речиси 20 милиони одгледувани змии на повеќе од 14.000 фарми. Денес тие главно се одгледуваат за потребите на фармацевтската и биомедицинската индустрија.

Екипите за фаќање во Хенгџоу соопштија дека за само два дена фатиле меѓу 2.000 и 3.000 змии, главно неотровни.

Властите ги предупредуваат жителите да избегнуваат ноќни активности на отворено, да не се движат низ висока трева и да се држат подалеку од водотеци и мочурливи подрачја, каде што змиите најчесто се кријат по поплави.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни