ВИДЕО Последниот руски Ан-22 се распадна во воздух

На социјалните мрежи се појави снимка која наводно го прикажува распаѓањето на руски воен транспортен авион Ан-22 непосредно пред падот во Ивановската област, североисточно од Москва. Несреќата се случила на 9 декември за време на пробен лет, а руските власти потврдија дека сите членови на екипажот загинале, пишува „Њузвик“.

Краткото видео, снимено со надзорни камери, прикажува како авионот се крши на два дела само неколку моменти пред ударот во замрзнато акумулациско езеро. Првите кадри покажуваат делови од леталото како паѓаат во водата во оддалечено, со снег покриено подрачје, додека на подоцнежните снимки се гледа како авионот се распаѓа додека сè уште е во воздух. Рускиот весник „Комерсант“ објави дека авионот „се распаднал во воздух“.

Според извештаите, авионот се урнал во близина на населбата Иванково. Телеграм-канал поврзан со Кремљ објави дека леталото непосредно пред несреќата било на поправка. Рускиот истражен комитет отвори истрага, а нуркачите ја пронашле олупината на длабочина од пет метри, околу 150 метри од брегот.

Последниот лет на стариот џин

Иако властите ја потврдија смртта на сите членови на екипажот, државните медиуми објавија дека во авионот имало седум лица. Станува збор за масивен турбопропелерски авион Ан-22 од советската ера, произведен во 1975 година, кој имал речиси 6.500 часа налет. Според „Комерсант“, ова бил единствениот преостанат Ан-22 во воена служба, а руското раководство уште во средината на 2024 година најавило дека целата флота од овие авиони ќе биде повлечена до крајот на таа година.

Ова е втора авионска несреќа во Ивановската област во последно време. Во март 2024 година се урна руски воен транспортен авион Ил-76, при што загинаа сите 15 лица кои се наоѓале во леталото.