Вознемирувачка глетка ги затекнала граѓаните во скопската населба Бутел, каде на јавна површина биле пронајдени повеќе мртви кучиња, оставени едно до друго. Од здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ се сомневаат дека животните биле отруени и бараат итна истрага за случајот.
Според информациите од здружението, кучињата изгледале како да потекнуваат од исто легло, а особено загрижува фактот што сите биле пронајдени на една локација.
Од „Анима Мунди“ поставуваат прашања дали животните биле отруени на местото каде што биле пронајдени, дали некој ги донел и ги оставил таму и дали имале сопственик.
Здружението бара Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за храна и ветеринарство итно да извршат увид, да обезбедат докази и да ја утврдат причината за смртта на кучињата. Побарана е и проверка на безбедносните камери во околината, со цел да се утврди дали постои лице одговорно за случајот.
Од здружението предупредуваат дека евентуалното поставување отров на јавна површина не претставува опасност само за животните, туку и за луѓето, особено за децата.
„Отровот не убива само кучиња. Тој претставува опасност и за други животни, но и за луѓето, особено за децата“, предупредуваат од „Анима Мунди“.
Тие потсетуваат дека членот 233 од Кривичниот законик предвидува санкции за неоправдано убивање и мачење животни и бараат случајот да биде целосно истражен, а одговорните да бидат соодветно санкционирани.