Вчера неколку новинари, пронајдоа десетици компјутери за копање на криптовалути популарно наречени ригови кои се диво приклучени на електричен приклучок на ГТЦ.
Полициските службеници кои пристигнаа на местото на настанот, без да влезат во објектот, констатираа дека нема кривично дело и кратко потоа објавија и официјално соопштение во кое се вели дека не е утврдена било каква кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело.
„Денеска во 14.45 часот во СВР Скопје А.М. пријавил дека во магацините на ГТЦ имало поставено машини за копање крипто валути односно дека заради наводна интернет трговија со крипто валути, извесни лица извршиле кражба на електрична енергија, со цел да го опслужат неопходниот капацитет на нивните компјутерски машини неопходни за трговија со крипто валути. Полициски службеници веднаш излегоа на лице место согласно пријавата, извршија разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што утврдија дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена било каква кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик. Во август 2021година по претходно добиен оперативен податок за истото кривично дело “кражба на електрична енергија”, исто така е постапувано од страна на полицијата на истата локација и не е констатирана кражба на електрична енергија ниту се лоцирани компјутери за копање на крипто валути. Имено, копањето на крипто валути не претставува кривично дело предвидено во кривичниот законик на РМ“, соопштија од МВР.
Директорот на Градскиот трговски центар, Ѓоко Трајчевски, изјави дека не бил информиран за тоа што се случувало во неговиот објект и дека прв пат слушнал за тоа од медиумите.