„О, трајте, трајте, тирани недни!
Доста се тија лаги и злоба,
пакосен глас од устите гадни
над мојот народ у секоја доба.
Та ете веќ векови цели писка
и стенка од волци гости,
за брата вијат кој да го дели,
за да му глода сувите коски“.
Ова се најмоќните револуционерни стихови од песната „Глас од Македонија“с на големиот поет и револуционер Коле Неделковски. Таа е една од последните песни на Коле Неделковски напишана меѓу април и август 1941 година, еден месец пред да се фрли на плочникот пред неговиот стан во Софија не сакајќи да и се предаде на бугарската жандармерија.
83 години подоцна, стиховите на Коле одѕвонуваат како ехо во празната и напуштена спомен куќа во неговото родно село Војница, близу Велес.
Куќата во која во 1912 година се родил Неделковски во сиромашно семејство одамна ја нема, но пред 12 години малото училиште во кое тој учел четири одделенија било спасено од пропаѓање и со мала санација трансформирано во спомен куќа на македонскиот поет.
Со испукани ѕидови, скршени прозорци, гнезда и разурнати тавани, без табла која ќе ја означи куќата, денес таа ни малку не оддава слика на спомен куќа заштитена од државата, каде учел и се школувал поетот, пред да замине за Софија. На куќата и се заканува пропаѓање и постои опасност музејските експонати да бидат уништени.
Споменикот на Коле Неделковски во длабоката сенка во школскиот двор не дава впечаток дека се работи за запуштена градба, но криците од дрвените скали кои водат до главната врата веднаш ни го сменија мислењето.
По проверката на дрвениот под, влеговме во куќата, но и во минатото. Лево во првата соба која најверојатно била училница и во која Коле го стекнал основното образование и научил да пишува, стоеја во аголот неколку географски карти на Југославија, стар глобус и џиновски абакус.
По скалите надолу, десно се наоѓаат две соби, едната мала со уништено биро и голема училишна табла и најголемата соба во која се уште стојат слики со Јосип Броз Тито, но и изборни паравани од понов период. Оваа соба се чини била избирачко место за гласачите од Војница.
Лево под сликата на поетот Неделковски е всушност спомен собата наместена во негова чест. Во собата се наоѓаат ретки фотографии, документи, писма и дела поврзани со неговото творештво.
Влегувањето во неа, предизвикува чувство на изумирање на духот на Коле Неделковски со тоа што оставаме да пропаѓа неговото дело, име и неговата саможртва во името на сите генерации Македонци.
Порано куќата ја одржувал неговиот внук од брат со исто име и презиме како поетот, но сега во Војница нема ниту кој да ве пречека ниту да ви каже збор два за еден од најголемите македонски револуционери. Ниту кучињата заталкани близу споменикот на Неделковски не се вознемирија од новинарската екипа, очигледно одвикнати од гости во селото.
Објектот од неодамна е во сопственост на Општина Чашка и таа како надлежна институција презела мерки да ја заштити спомен куќата и богатото наследство во неа.
Градоначалникот на општината, Горан Стојановски објасни дека општината прво го решила статусот на објектот и потоа изготвила проект за комплетна реконструкција. Проектот е аплициран во Министерството за култура и тој очекува во 2025 година да биде одобрен.
– На територијата на Општина Чашка се наоѓа музејот на Коле Неделковски во село Војница, за жал оставен на забот на времето. Јас сум градоначалник веќе седум години, изминатиот период општина Чашка прво го реши статутот на објектот и тој сега е општински – рече Стојановски.
Изготвен е проект за комплетна реконструкција на објектот и предаден во министерството за култура.
– Минатата година проектот го предадовме во министерството за култура, но за жал немаше можност и финансиски средства да се реализира проектот и покрај желбата на поранешната министерка да се реновира објектот. Вредноста е некаде околу 5.000.000 денари – истакна Стојановски.
Градоначалникот најави средба во следниот период со новиот министер за култура од кој ќе побара проектот да биде ставен во програмата за 2025 година.
– Имаме проект и мислам дека имаме и одобрение за реконструкција на самиот објект и очекувам да го видиме реновиран во вистински сјај. Жално е да остане тој на забот на времето. Општината ги искористи сите можности, изготвивме проект, аплицирано е и чекаме финансиски средства од мин за култура за да го реновираме и вратиме во првобитна положба – додаде тој.
Спомен куќата на големиот македонски писател Коле Неделковски заживува само на 2 септември кога се одбележува денот на саможртвата на Неделковски. Тогаш учениците и вработените од истоименото средно училиште од Велес доаѓаат да му оддадат почит на поетот. Тие заедно со борците и поетите се сведоци на грдата слика на нашиот однос кон историјата и културата.
Неделковски остави две стихозбирки, другаруваше со Кочо Рацин
Коле Неделковски загина за идејата за слободна Македонија и во наследство на идните генерации ги остави двете стихозбирки „Молскавици“ и „Пеш по светот“. Тој бил член на Македонскиот книжевен кружок, другарувал со македонски писатели и револуционери, меѓу кои и со Кочо Рацин.
Во септември 1941 година, бугарската фашистичка полиција доцна во ноќта му влегла во трагата откако Неделковски растурал револуционерни летоци. Тој веднаш го уништил целиот материјал што го имал со себе за да не ги компромитира своите другари соборци и пружил вооружен отпор.
Во станот во зградата во Софија се слушнала експлозија, а потоа на плочникот пред зградата Неделковски паднал и загинал. Се смета дека самиот се фрлил за да им падне жив во рацете на бугарските полицајци. Изутрината неговото крваво тело уште било пред зградата, го виделе неговите другари, Кочо Рацин и Волче Наумчевски. „Збогум Коле“, кажале и двајцата.
На тоа место, по поразот на фашизмот, на местото на неговото загинување била поставена спомен плоча која за неколку години исчезнала.
Автор: Орце Костов
фото и видео: Орце Костов
Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.