Македонија

Починати лица останале на листите за операции, Министерството најавува чистење на евиденцијата

Починати лица останале на листите за операции, Министерството најавува чистење на евиденцијата

Во процесот на ажурирање на листите на чекање за хируршки интервенции, Министерството за здравство се соочува со сериозен предизвик – во евиденцијата сè уште се наоѓаат и пациенти кои во меѓувреме починале. Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека е неопходно темелно прочистување на податоците за да се добие реална слика за бројот на пациенти кои чекаат здравствена услуга.

Според него, во системот постојат случаи каде што лицата кои се на листите за операции веќе не се меѓу живите, поради што е потребна координација меѓу Министерството и здравствените установи за нивно отстранување од евиденцијата.

„Имаме пациенти кои за жал веќе не се меѓу нас и тие треба да се избришат од листите. Тоа мора да се прави законски и заеднички со здравствените институции. Наши тимови веќе работат на терен за детално ажурирање на податоците“, рече Алиу.

Министерот посочи и дека до Министерството пристигнале одредени сомнежи за можни злоупотреби на листите на чекање, но нагласи дека засега нема доволно документирани докази за тие случаи да бидат јавно објавени.

Од февруари годинава во функција е електронскиот систем за следење на листите на чекање за елективни операции, преку кој пациентите можат да го следат својот статус, а здравствените установи имаат обврска редовно да ги ажурираат податоците.

Алиу информираше и дека системот за евиденција на присуство преку отпечаток од прст веќе функционира во Министерството за здравство и во неколку клиники во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со цел подобра контрола на работното време и присуството на здравствениот персонал.

Воедно, Министерството продолжува со анализи за евентуално пренасочување на пациенти од јавните кон приватните здравствени установи, но засега нема официјални резултати од тие проверки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни