ВИДЕО Првиот црногорски сателит „Луча“ успешно лансиран во ниска Земјина орбита

Првиот црногорски сателит „Луча“ беше успешно лансиран во ниската Земјина орбита (ЛЕО) во неделата со ракета „Сојуз“ од космодромот Восточни, близу границата меѓу Русија и Кина. Овој историски чекор го означува првиот национален сателит на Црна Гора кој технолошки, законски и оперативно е управуван од самата држава.

Директорот на организацијата „Вселенски истражувања на Црна Гора“ (MSR), Филип Јовиќевиќ, истакна дека лансирањето претставува ново поглавје во научната и технолошката историја на земјата. Тој нагласи дека ова е само почеток и дека организацијата има за цел развој на првата црногорска ракета – прво суборбитална, а подоцна и орбитална.

„Убеден сум дека тимот собран околу оваа организација има знаење, капацитет и визија за да ја постигне оваа цел, што би претставувало најголем технолошки пробив во историјата на Црна Гора. Паралелно, ќе продолжиме активно да ја промовираме науката, технологијата и инженерството меѓу сите возрасти, бидејќи само преку знаење можеме да изградиме генерации инженери кои ќе ја развиваат црногорската вселенска програма“, изјави Јовиќевиќ.

Примарната мисија на сателитот е мерење на космичкото зрачење, додека камерата на „Луча“ ќе снима визуелни снимки од надморска височина од околу 600 километри. Сателитот е опремен и со телекомуникациски системи за пренос на податоци до Земјата.

Како мал сателит во секундарниот товар на ракетата „Сојуз“, „Луча“ го симболизира првиот национален сателит кој го зацврстува присуството на Црна Гора во вселенските истражувања и отвора пат кон уште поамбициозни научни и технолошки проекти.