ВИДЕО Романскиот претседател заробен на аеродром во Франција поради снег

Претседателот на Романија, Никушор Дан, остана завеан од снег во Франција, откако поради снежна бура неговиот авион не можеше да полета ниту синоќа ниту утрово од Париз.

Воениот авион со кој првиот човек на Романија отпатува во Париз не можеше да полета ниту во вторник на полноќ, како што првично беше планирано, ниту во среда наутро, поради обилните снежни врнежи што ја прекрија пистата на аеродромот.

Се вчитува...

Како што пренесуваат локалните медиуми, авионот „Спартан“, со кој патуваше романската делегација, не доби зелено светло за полетување од Париз ниту ноќеска на полноќ, ниту утрово. Авионот бил одмрзнат, но полетувањето било одложено во последен момент, а шефот на државата околу 9:30 часот бил изведен од авионот.

На претседателот на Романија му било наложено да го напушти авионот додека надлежните служби не ја исчистат пистата од снег, за авионот „Спартан“ да може да полета кон Букурешт. Властите соопштија дека операцијата за чистење на пистата ќе трае приближно еден до еден и пол час. Сепак, снежните врнежи продолжиле, а виорот набрзо повторно ја прекрил пистата со снег.

Според информациите на „Обзерватор“, околу 12:00 часот започнале нови операции за одмрзнување на авионот „Спартан“, а опремата ја обезбедила Префектурата на Париз. Се разгледува и можноста за испраќање друг авион, со цел претседателот на Романија да може да се врати во земјата.

Никушор Дан на аеродромот разговарал со новинарите кои го следеле, зборувајќи за недостатокот на модерен претседателски авион способен да лета во тешки временски услови. Сепак, шефот на државата изјавил дека нема да биде можно да се набави таков авион ниту во 2026 година.

„Во одреден момент ќе мора да имаме претседателски авион, и тоа не само за претседателот, туку и за министрите кои патуваат во делегации кога станува збор за важни прашања. Прво, затоа што овој авион извршува многу повеќе функции од обичен авион и, второ, затоа што немаме комуникација внатре. Кога сме во авионот, ние сме изолирани“, изјави шефот на државата.

Тој се осврна и на фактот дека во авионот „Спартан“ не постои безбедна комуникација за претседателот, па тој, на пример, не може во реално време да дознае дали во земјата се случува нешто сериозно. Никушор Дан изјави дека одлучил да патува со овој авион со цел да заштеди пари.