Во јавноста се појави видео-снимка, објавена од албански медиуми, на која, според нивните тврдења, всушност градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, физички замавнува со клоца кон едно лице кое пак тргнува кон неа.
На снимката не се гледаат јасно лицата.
Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, нападот во СВР Скопје го пријавило лице со иницијали А.Ј. Во полицискиот извештај се наведува дека градоначалничката и нејзиниот тим биле физички нападнати, а дополнително и изложени на сериозни вербални закани од повеќе лица.
„На 11.07.2025 во 12:15ч, од страна на А.Ј. во СВР Скопје пријавено е дека при извршување работни задачи на ул. ‘Кумбара’, физички била нападната градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, и дека повеќе лица ѝ упатувале вербални закани“, соопшти МВР.
Арсовска, иако нападната, не поднела кривична пријава, но веднаш по инцидентот се упатила во ГОБ „8 Септември“ за да добие лекарска помош.
Според неофицијални информации објавени од порталот Инфомакс, инцидентот се случил пред очи на полициски службеници, а на градоначалничката и нејзиниот тим им биле упатени и закани по животот, закани за силување, како и закани кон нивните семејства и деца.
На терен биле присутни и советник од Советот на Град Скопје, секретарот на Градот, раководител од Секторот за урбанизам и инспектори. Целта на посетата била увид во нелегална градба лоцирана во непосредна близина на полициската станица Бит Пазар.
Инцидентот доаѓа по неколку јавни истапи на Арсовска, во кои таа тврди дека добива закани по живот и дека поднесува пријави против градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Во изјава за медиумите, Арсовска потврди дека прима закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
Очекувањата се дека институциите ќе ги расветлат сите околности околу инцидентот и ќе обезбедат заштита за службените лица кои извршуваат службени задачи на терен.