ВИДЕО: Таа е мој син – „кога си загрозена затоа што си женско, немаш друг избор освен да станеш машко“

Низ историјата, жените честопати се соочувале со бројни тешкотии за да докажат дека не се создадени да бидат само мајки и домаќинки, туку дека, како и мажите, тие имаат права на својот живот и кариера.

Многумина од нив се бореа за своите цели на различни начини, а еден од тие начини беше да се маскираат како мажи.

Денес, во 21 век, многу семејства во Авганистан ги воспитуваат своите ќерки како синови за да им дадат подобар живот.

„Кога едниот пол е толку важен, а другиот е речиси непожелен, секогаш ќе има такви што се обидуваат да се „преселат“ на другата страна“, рече Наџија Насим, директор на организацијата која се занимава со положбата на жените во Авганистан.

Во авганистанското патријархално општество, економската зависност од мажите и социјалната стигма ги стави родителите во неповолна положба. Ќерките честопати се сметаат за товар, бидејќи нивните синови ќе заработат пари порано, како и ќе го продолжат семејното наследство и ќе останат дома за да се грижат за своите постари родители. За да се спротивстават на ова, некои родители ги воспитуваат своите ќерки како мажи. Практиката, позната како „бача пош“, што значи „девојка облечена како момче“, најчесто се среќава во семејства кои немаат машки потомци, а мајките, во тој случај, се гледаат со разочарување.

„Овие девојки можат сами да одат на шопинг, да ги испратат своите сестри на училиште, да се вработат, да се занимаваат со разни спортови и да прават се што е типично за мажите“, објаснува Насим.

Оваа практика ги има своите корени уште во античко време, дури и пред да преовлада исламот во Авганистан.

Овие девојки треба да ги прифатат сите квалитети на спротивниот пол и да се прилагодат на неговите обврски, а авганистанските наставници велат дека има барем по една „бача-пош“ во секое училиште.

Една од ретките предности на овие девојки е тоа што им е достапно образование, бидејќи многу мал број авганистански девојчиња посетуваат училиште.

Сепак, оваа практика се толерира само до одредени години. Имено, само малите девојчиња можат да бидат „бача-пош“, а кога ќе влезат во пубертет, повторно треба да тргнат по патот на „вистинска“ девојка. Тие се должни да стапат во брак и да имаат деца. Постои дури и верување дека токму ова девојче подоцна ќе роди машко дете.

Меѓутоа, девојките кои целиот свој живот го поминале како момчиња, кога повторно ја преземаат женската улога, имаат многу нејасна слика за тоа што треба да прават. Од нив се очекува да знаат да готват, да сакаат романтични боливудски филмови и да бидат подредени на мажите.

Затоа многу девојки кои пораснале како мажи се противат на враќање во нивната првобитна улога.