Скандалозен инцидент ја прекина денешната работа на бугарското Народно собрание. Вербалната расправија меѓу лидерот на партијата МЕЧ, Радостин Василев, и пратеникот од ДПС-НН, Ѓунај Далоолу, ескалираше во физичка пресметка со тупаници и клоци пред очите на целата јавност.
Тензијата започнала со размена на реплики, по што Далоолу физички му се нафрлил на Василев, кој во тој момент седел на своето пратеничко место.
Ситуацијата брзо излегла од контрола. Следела размена на удари, а иако останатите народни избраници успеале физички да ги раздвојат, конфликтот не запрел веднаш. Сведоците опишуваат дека додека Далоолу се заканувал мавтајќи со прст, Василев се обидел да го удри со „десно кроше“.
Претседателката на парламентот, Раја Назарјан, веднаш прогласи пауза до 11 часот за смирување на страстите.
Колатерална штета на тепачката беше министерот за енергетика Жечо Станков. Тој беше на говорницата и одговараше на прашања од „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) поврзани со изградбата на 7-иот и 8-иот блок на нуклеарната централа „Козлодуј“, кога неговото излагање беше насилно прекинато од инцидентот.
Инаку, денешната агенда на бугарските пратеници е клучна – на дневен ред се финансиската рамка за наредната година за Здравствениот фонд (НЗОК), општественото осигурување и законот за продолжување на буџетот.
Хаосот во салата беше повод за реакција од поранешниот вицепремиер и копретседател на ПП-ДБ, Асен Василев, кој ги повика граѓаните на улица.
„Токму сега бевме сведоци на најнаглото гласање во овој парламент. По четврти пат се обидуваат да си ги протнат ’крадливите‘ буџети. Затоа, ги повикуваме сите утре вечер во 18 часот на протест бидејќи Буџетот 2026 сè уште не е повлечен“, изјави Василев.
