ВИДЕО Затрупани под снег: Жителите на Пиемонт копаат тунели за да излезат надвор

Силна снежна бура предизвика сериозни проблеми во Поморските Алпи, во италијанскиот регион Пиемонт, каде за кратко време паднаа огромни количества снег. Во некои области, за само 24 часа наврна до еден и пол метар нов снег, со што снежната покривка на повисоките места достигна и до три метри.

Се вчитува...

Состојбата на терен е исклучително тешка. Автомобилите се целосно затрупани од снежни наноси, а жителите, според локалните медиуми, се принудени да расчистуваат снег и да копаат премини за да можат да излезат од своите домови.

Меѓу најпогодените локации е скијачкиот центар Прато Невосо, кој се наоѓа на надморска височина од 1.480 метри. По повеќе од 48 часа континуирани врнежи, центарот речиси целосно исчезна под снежната покривка. Сите пристапни патишта кон областа сè уште се блокирани, а надлежните служби ја оценуваат ситуацијата како многу сериозна.

И покрај екстремните временски услови и хаосот што го предизвика снегот, засега нема информации за повредени или загинати лица. Надлежните апелираат на внимателност и избегнување патувања кон погодените подрачја додека трае расчистувањето и стабилизирањето на состојбата.