Живот претворен во депонија. Повеќе од 20 години над 20 семејства, заспиваат и се будат со помислата дека ќе го пронајдат зракот светлина низ прегужениот животен тунел. Личната карта била предмет на интерес речиси на сите политички партии. Поминале многу им останала само желбата и надежта за подобро утре. Не постојат избори, локални, парламентарни, претседателски, редовни или предвремени кога не биле предмет на интерес за глас повеќе – но се завршувало после изборите. Нивниот глас бил евидентиран но од ветувањата ни трага ни глас.
Некогашната касарна, пред многу години станала нивно прибежиште. Како што одминува времето условите за живот им станале потешки. Изворот на зараза демнее на сите страни. Како што се распаѓа објектот на поранешната касарна така се распаѓа и нивниот живот.
Нивното исселување велат било предмет на интерес на многу политичари но никако да го добијат ветеното, кров над глава со услови за живеење кои ги диктира 21 век. Состојбата во која живеат била евидентирана од многу сниматели и новинари во обид да ги потсетат тие кои им ветиле дека во замена за глас за време избори – постизборно ќе добијат квалитетен живот. Но, тоа и денес не се случило. Децата пораснале, дел од нив формирале брак и имаат деца кои наместо во училиште животот го поминуваат во беда.
Лошата миризба може да се насети уште пред да стигнете до нивното живеалиште, се наоѓа на неполн километар од центарот на градот, патот води преку општинаската зграда па се до нив. Свесни за опасностите кои ги демнеат – бараат спас за да излезат од бедотијата во која се нашле. Гневни на тие кои им ветиле дека ќе им го средат животот но ги оставиле да тонат во калта.
Многу прашања исто толку изговори и одговори под превезот на урбанизмот и здравата животна средина. Во одговор на проблематиката како понатаму со овие семејства од општината велат дека ги спроведуваат последните процедури за да им понудат квалитетен живот на семејствата кои заглавиле во лавиринтот на егзистенцијалниот лавиринт на сопствениот живот.